СДСМ ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за преговорите со Бугарија

Костадин Костадинов, СДСМ.

Пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов денеска изјави дека владејачката партија ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што всушност и видовме од медиумите. Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема“, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, ВМРО- ДПМНЕ, согласно Уставот, треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата. Во Собранието денеска пратеници од опозициската партија одржуваат средби со пратеничките групи за поддршка на нивната резолуција.

Од СДСМ претходно реагираа дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се потврдени и признаени и нема потреба од каква било расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание.

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на исцртување на македонските позиции во однос на Бугарија. Со резолуцијата треба да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.