Симовски: Пописот нема да се одложи

Macedonia - The director of the State Statistical Office Apostol Simovski - 2021

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски изјави дека не е планирано ново одложување на пописот во септември. Според него, ќе се следи епидемиолошката ситуација, а пописот ќе биде спроведен согласно предвидените мерки и протоколи за заштита. Тој најави и дека попишувачите ќе бидат вакцинирани во август пред почетокот на пописот.

„Нормално дека се ќе зависи од епидемиолошката ситуација, но не се очекува некој позначаен пик во државава како што беше во април и март годинава. Она што сигурно ќе го направиме е дека ние пописот ќе го спроведеме и ќе се однесуваме како да сме во најголемиот пик почитувајќи ги сите мерки. Затоа граѓаните од тој аспект треба да бида спокојни. Во септември времето е се уште убаво па таму каде што ќе има можност пописот ќе се спороведе и на отворено. Очекуваме дека и поголем дел од граѓаните ќе бидат вакцинирани. Од Министерството за здравство сме информирани дека се чуваат резерви за попишувачите и дека тие во текот на август ќе бидат вакцинирани“, изјави Симовски во Утрински Брифинг.

Во однос на тоа дали се реални очекувањата пописот да регистрира не повеќе од 1,6 милиони жители во државата, Симовски рече дека стравува оти би можеле тие да се остварат и дека загрижува тоа што голем број луѓе се отселуваат.

„Показателите кои ги прибираме со статистичките истражувања во однос на раѓањата укажува дека имаме континуиран пад на раѓањата дома, додека расте на раѓањато во странство. Сето ова укажува дека добар дел од нашата популација е иселена од државата. Оттука е и мојот страв дека бројките на населението се помали. Податоците што ги гледав се запрепастувачки. Податокот од германскиот статистички завод е дека крајот на 2020 година во Германија имаме 128.000 македонски државјани кои престојуваат таму, со одобрение за престој. Тоа е огромна бројка. Не знаеме колкав е бројот на наши лица кои потекнуваат од Македонија, а имаат германско државјанство, бидејќи Германците не дозволуваат двојно државјанство, но исто така немаме податок колку наши државјани отишле таму со бугарски пасош, бидејќи ги сметаат како бугарски државјани, а таква бројка е близу 300.000. Само овој податок ќе ве замисли. Каде се останатите европски земји, прекуокеанските земји. Од она што сега го прибираме со самопопишувањето во страство, верувајте ми дека нема точка на земјината топка каде немаме наши државјани“, вели Симовски.

Одложувањето на пописот беше усвоено во Собранието, во април годинава. Собранието. Пратениците исполнувајќи го Бадентеровиот принцип се согласија да се одржи пописот од 5 до 30 септември. Во Македонија последен пат се одржа попис во 2002, обидот за попис во 2011 беше неуспешен.