Претседателот на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија Ненад Поповиќ изјави дека утре во Србија ќе биде испратена супстанца за производство на вакцината Спутник Ве на Институтот Торлак, соопшти неговиот кабинет.
„Се работи за количина на супстанца доволна за производство на 250 илјади дози од компонентата 1. После десетина дена, според најавите од руските партнери, во Србија треба да биде доставена супстанца за производство на истата количина вакцини од компонентата 2“, рече Поповиќ, кој е и српски министер за иновации и технолошки развој.
Според него, се очекува Торлак во следните две недели да има околу 550 илјади вакцини Спутник Ве, од компонентите 1 и 2. Компонентите се однесуваат на првата и втората доза од вакцината.
Тој наведе дека по производството на вакцините во Торлак, по 18 примероци од секоја серија ќе бидат испратени во рускиот Институт Гамалеја, каде што ќе биде извршена контрола на примерокот, а потоа вакцините ќе може да бидат пуштени во промет.
„Очекуваме тоа да се случи во рок од три недели од кога примероците ќе стигнат во Гамалеја“, рече Поповиќ, кој во моментов е во Москва.
Тој рече дека супстанцата редовно ќе пристигнува во Србија, по динамика која ја утврдиле српската и руската страна, сè до исполнување на договорот, кој во почетна фаза предвидува производство на четири милиони вакцини.