Товарен брод во израелска сопственост вчера бил нападнат во Индискиот Океан. Посадата не била повредена, а бродот не е тешко оштетен, објави израелската телевизија Н12, повикувајќи се на неименувани безбедносни извори во земјата.
Според телевизијата, безбедносни претставници проверуваат дали иранските служби стојат зад нападот.
Либанската телевизија Ал Мајадин претходно објави дека бродот бил нападнат со непознато оружје во Индискиот Океан.
Според информативната платформа Марин трафик, бродот ЦСАВ Тиндал пловел под либериско знаме и запрел кај бреговите на Обединетите Арапски Емирати. Бродот пловел од Саудиска Арабија до ОАЕ.
Неколку слични инциденти се случија во изминатите месеци.
Во април, ирански карго-брод беше полесно оштетен од експлозија во Црвеното Море. Њујорк Тајмс објави дека Израел стои зад нападот.