Убедена сум дека иднината на Западен Балкан лежи во вистинска обединета Европа, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по повод претстојниот виртуелен самит од Берлинскиот процес, закажан за понеделник, на кој домаќин е Германија.
Меркел, во видео порака кажа дека е среќна, иако тоа ќе биде само виртуелен состанок, што ќе ѝ овозможи да продолжи да работи со шефовите на држави и влади на Западен Балкан, процес што беше почнат во 2014 година, како Берлински процес, на иницијатива на Германија.
Таа посочи дека е постигнато многу од воспоставувањето на Берлинскиот процес, чија цел е да даде конкретен придонес кон стабилноста во регионот и мирниот дијалог.
„Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, каде раните од војната сè уште не се залечени, а голем број граѓани од таа област живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, нагласи Меркел.
Германската канцеларка додаде дека процесот во Берлин веќе постигнал одреден успех и во тој поглед, таа особено го издвои неодамна основаниот Форум за млади.
Таа истакна дека она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми.
„Тоа е практичен придонес кон мирот“, подвлече Меркел, додавајќи дека меѓусебното признавање на дипломите, соработката во науката, како и напредокот во инфраструктурните проекти, што се карактеризира со чекори што водат кон зајакнување на прекуграничната размена меѓу граѓаните од регионот и надминување на предрасудите.
„Сето ова ги води земјите од Западен Балкан напред кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Убедена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина навистина ќе биде во обединета Европа“, нагласи таа.
Меркел посочи дека сè уште има многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмите не исчезнале, а билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување. Тоа, вели таа, значи надминување на минатото и правење на сè што е можно за идните генерации да живеат во мир.