Нејаснотии околу роамингот, операторите и регулаторите да се држат до договорот

Регионалниот совет за соработка (РСС) соопшти дека граѓани од Западен Балкан се пожалиле дека не им се јасни правилата за роаминг во овој регион, кои стапија на сила од 1 јули. РСС наведува дека според договорот нема трошоци за роаминг.

Загрижени граѓани им се јавувале да кажат дека одделни оператори не ги известуваат за тоа дека од 1 јули 2021 повеќе нема трошоци за роаминг, дека пораките се неодредени и комплицирани, а особено оние врзани за користење на интернет, велат од РСС. Од таму ги повикуваат телеком операторите и националните регулаторни тела да обезбедат адекватни известувања и да го применуваат договорот.

Договорот за намалување на цените на роамингот предвидува давателите на услуги за роаминг во регионот на Западен Балкан да не наплатуваат никаков дополнителен надомест на домашната малопродажна цена на корисниците на роаминг во регионот на Западен Балкан за регулирани повици во роаминг, појдовни или дојдовни, за сите регулирани СМС пораки кои се праќаат во роаминг и регулирани услуги на пренос на податоци во роаминг, вклучувајќи и ММС пораки, како ниту општ надомест за користење на терминалната опрема или услуги во странство.

Од Регионалниот совет за соработка повторуваат дека следната фаза ќе биде да се работи на тоа да се намалат цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ.