Русија петти ден по ред пријавува рекорден број починати од ковид-19, додека властите се борат да се справат со новиот бран зарази што се појави во услови на слаба вакцинираност на населението.
Во изминатите 24 часа биле регистрирани 697 починати и 24400 нови случаи на коронавирус.
Ова е досега најголем број починати во еден ден, а бројот на нови случаи е најголем од јануари, кога земјата се бореше со вториот бран.
Властите велат дека зголемувањето на новите случаи се должи на делта-сојот на вирусот, кој е многу позаразен од претходните варијанти.
Западните здравствени власти тврдат дека вакцините на Фајзер, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон обезбедуваат заштита и против делта-сојот. Руските власти тврдат дека и нивната вакцина Спутник Ве исто така обезбедува заштита против делта-сојот, иако е непознато во колкава мера.
Причина за новиот бран е одбивањето на многумина Руси да се вакцинираат. Само околу 15 проценти од населението е вакцинирано, а многумина велат дека не ѝ веруваат на науката, а уште помалку на властите.
Некои руски региони, меѓу кои и Москва, започнаа со воведување нови рестриктивни мерки. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин најави поостри мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Претходно оваа недела, во годишното телевизиско обраќање, претседателот Владимир Путин ги повика луѓето да се вакцинираат. Но, многумина набљудувачи велат дека тој си ја поткопал пораката со тоа што не дал силна поддршка за задолжително вакцинирање на некои граѓани, сугерирајќи, без докази, дека западните вакцини се опасни и потценувајќи го проблемот со ниската стапка на вакцинација.
Русија е првата земја која ја одобри вакцината против ковид-19. Одлуката беше контроверзна зашто беше донесена пред да завршат конечните тестирања.
Проблемите со дистрибуцијата и сомнежите за вакцината, која е признаена како безбедна од меѓународната научна заедница, ги попречуваат напорите за масовна имунизација.