Бонус за летување за вакцинираните на Кипар

Плажа во Кипар

Бонус за летен одмор за вакцинираните; слободен ден за вработените во државниот и приватниот сектор на денот на вакцинација; укинување на бесплатните рапид тестови од 1 август; построги правила за угостителските објекти, свадбените веселби, фудбалските натпревари, се дел од мерките што ги соопшти новиот министер за здравство на Кипар Михалис Хаѕипанделас по владината седница.

Тој рече дека кипарската Влада донела низа мерки поделени во пет групи, а се однесуваат на процесот на вакцинација, како и на правилата и протоколите поврзани со пандемијата.

За охрабрување и забрзување на процесот на вакцинација, предвиден е бонус за летен одмор за вакцинираните (деталите во понеделник ќе ги соопшти надлежниот министер за туризам), припадниците на војската, кои ќе се вакцинираат до крајот на август ќе добијат петдневно почесно отсуство, а вработените во јавниот и приватниот сектор ќе добијат слободен ден на денот на вакцинацијата.

Дополнително, во следниот период Министерството за здравство ќе соопшти бонуси и мотиви за поттикнување на младите од 18 до 30 години да се вакцинираат, а паралелно ќе ја интензивира и информативната кампања за имунизација на населението, особено на младите.

Кипарската Влада одлучи да воведе и построги мерки за просторите во кои има собирање на голем број лица, па така од 9 јули, за местата во кои има над 20 лица, како што се работни простори, барови, кафулиња, клубови, свадби, забави ќе биде потребен сертификат за вакцинација или негативен тест, и за на отворено и за на затворено.

На фудбалските натпревари, од следниот петок, дозволен ќе биде влез за вакцинирани, за лица кои прележале ковид-19 во изминатите шест месеци или со негативен ПЦР тест направен 72 часа претходно, а стадионите ќе работат со 50 отсто од капацитетот.

Овие правила, ќе се променат од 21 јули, кога влезот на стадионите, во кината, театрите и на концертите, што ќе работат со 75 проценти од капацитетот, ќе биде дозволен само за вакцинирани или лица кои ја прележале болеста.

Од 1 август, како што соопшти министерот за здравство на Кипар, се укинува бесплатниот рапид тест за граѓаните, со исклучок на децата од 12 до 15 години и лицата над 16 години со сериозни здравствени проблеми кои не можат да се вакцинираат.