Литванските власти пријавија 116 нови апсења на мигранти кои ја преминале границата од Белорусија. Литванија смета дека мигрантскиот бран е намерно организиран од Белорусија како одмазда за санкциите од ЕУ.
Литванската служба за гранична безбедност денеска соопшти дека граничарите исто така испукале солзавец и предупредувачки истрели кога една група мигранти биле приведени.
Во изминативе неколку дена биле приведени 179 мигранти, соопшти службата, а 938 луѓе биле уапсени за влегување од Белорусија оваа година, 12 пати повеќе од целата 2020.
Вилнус тврди дека повеќето мигранти, најголемиот дел од Ирак, со донесени до границата со Литванија, а белоруските граничари замижуваат додека тие ја преминуваат границата со членката на ЕУ.
Литванија е една од најгласните критичари на белорускиот водач Александар Лукашенко од спорните претседателски избори во август минатата година, на кои 66-годишниот Лукашенко прогласи победа, што поттикна повеќемесечни протести.
Опозицијата тврди дека изборите биле наместени, а Западот одби да ги признае резултатите.
Литванија ѝ понуди засолниште на Свјатлана Циханускаја, за која, нејзините поддржувачи тврдат дека била победник на претседателските избори.
Вилнус исто така стана центар за Белорусите во егзил, а двете земји меѓусебно си протераа многу дипломати откако односите им се влошија во изминатите недели.
Граничната служба на ЕУ, Фронтекс, испрати тимови во Литванија да ѝ помогнат да се справи со бранот мигранти.