Бугарија бара да исчезне говорот на омраза во односите со Македонија

Македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Светлан Стоев, 18.06.2021

Мора да исчезне говорот на омраза во нашите билатерални односи со С. Македонија, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев. Тој учествуваше на виртуелната дискусија за приоритетите на словенечкото претседателство.

Стоев потсети на изјавата на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека „не можеме да сакаме да бидеме во едно семејство и да продолжиме да го користиме тој вулгарен јазик во јавноста, и од политичките сили“

„И најлошото нешто е што тие се во младинското движење“, истакна тој, пренесува БТА.

Пред неколку денови беше објавен говор на член на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, во кој тој, меѓу другото, кога зборува за Бугарија вели „Нема да има промена во историјата по волја на татарските фашисти, извинете администатори“.

Засега, вели Стоен, нема официјална реакција од македонска страна. Тој вели дека во дијалогот со С.Македонија мора да има доверба, кога засега ја нема.

„Довербата е изгубена и затоа што голем број политичари од Република Северна Македонија избраа да ги посетуваат главните градови на земјите-членки на ЕУ, наместо да доаѓаат во Бугарија и да разговараат со своите партнери тука, посочи тој.

Крајно време е, вели тој, да се разбере дека најдиректен начин за решавање на ова прашање е билатералниот дијалог.

Македонското Министерство за надворешни работи попладнево испрати соопштени во кое, како што се наведува, реагираат „на појавени навредливи пораки во јавноста кон нашите соседи“, без притоа да се прецизира за што станува збор.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го осудува секој говор на омраза, без исклучок, посебно кога неодговорните и непромислени изјави, пораки и квалификации се упатуваат на блиски и соседни држави. Северна Македонија се залага за интензивирање и продлабочување на добрососедските односи, и се надева дека вакви изолирани и крајно несоодветни изјави нема да наидат на било какво разбирање кај нашите граѓани“, стои во соопштението.