Голема акција во Албанија - уапсени обвинител и полициски функционер

Поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири.

Запленет имот вреден милиони евра, ресторани, хотели, супермаркети , четири компании, градежно земјиште и притворени 38 лица е билансот од големата акција „Душа“ финализирана денеска во утринските часови од страна на албанското специјално обвинителство (СПАК) во соработка со италијанската полиција. Акцијата се спроведувал во четири земји – Албанија, Италија, Црна Гора и Шпанија.

Запленетиот имот е во вредност од над три милиони евра.

„Документирано е дека тие се стекнати директно како резултат на приходите од криминални активности. Во текот на истрагата во четирите земји запленети се шест тони наркотични средства, во вредност од 55 милиони евра“, изјави Владимир Мара од СПАК.

Денеска се уапсените 28 албански државјани кои биле дел од четири моќни криминални групи. Меѓу нив се обвинителот Максим Сото од Валона, полициски функционери, како и две лица од обезбедувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, кому му се судеше за вмешаност во недозволена трговија со дрога.

Директно инволвиран во трговијата со дрога, а се смета и за главен организатор, бил Илирјан Бала, прв човек на секторот за борба против недозволена трговија со наркотици, кому му е изречена мерка домашен притвор исто како и на обвинителот од Валона, Максим Сото.

Директорот на државната полиција Арди Велиу рече дека во акцијата биле вклучени над 200 полициски службеници, како и припадници на специјалната единица „Ренеа“ и единицата за брза интервенција.