Рикер - Западен Балкан во ЕУ за попросперитетни и помирни времиња

Mеѓународната конференција „Преспа форум дијалог“. Помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Филип Рикер.

Последните одлуки на ЕУ за С. Македонија и за Албанија го поткопуваат кредибилитетот на Унијата. Тоа, пак, испраќа погрешен сигнал со што се јакнат перцепциите во Западен Балкан дека ЕУ го напушта регионот, изјави денеска помошникот државен секретар на САД за Европа Филип Рикер. Тој одржа заедничка прес конференција со премиерот Зоран Заев во рамките на Преспа форумот.

Рикер вели дека со процесот на пристапување кон ЕУ ќе помогне во регионот да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња. Рикер, кој беше и амбасадор на САД во земјава, вели дека визијата на САД за Западен Балкан е постојана и идејата е да се постигне регион со мирни односи внатре и со своите соседи и целосно интегриран во евроатланската мрежа.

Администрацијата на Бајден, посочи тој, е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатланската врска.
САД, нагласи Рикер, ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со С. Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања.

Премиерот Зоран Заев вели дека нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди. Заев вели дека Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за дефинирање на преговорите со Бугарија, Заев рече дека македонскиот јазик и идентитет се надвор од преговорите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе поднесат резолуција и ја повика власта да ја прифати, во спротивно, ќе се потврди дека власта преговарала за идентитетот.

Заев нагласи дека обвинувањата на Мицкоски на негова сметка во однос на тоа дека е одговорен за бугарското вето, дека го предава македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од здравата логика.