Западен Балкан треба да продолжи со евроинтеграциите, но исто така фокусот треба да биде ставен на соработката што може да го подобри квалитетот на животот на граѓаните, рече денеска српската премиерка Ана Брнабиќ на Преспа форумот во Охрид, соопштија од српската Влада.
Во однос на интеграцијата во ЕУ на Македонија српската премиерка рече дека тоа што и се случи на земјава е особен преседан, оти веќе не станува збор за европски вредности, туку за билатерални прашања.
Таа се надева дека нема да има такви преседани во иднина, но, како што вели, се плаши дека е можно дека е отворена Пандорината кутија.
Укинувањето на роамингот е една од работите од кои граѓаните имаат корист, рече Брнабиќ. Но треба да се имаат предвид и тешките политички прашања, како што е дијалогот меѓу Белград и Приштина. Таа вели дека продолжувањето на кавгата во регионот никому не му носи добро.
Бранбиќ на панелот чија тема беше синергијата на Европската унија и САД, рече дека Србија сака членство во ЕУ, но не и во НАТО и дека се воено неутрални, но имаат одлична билатерална соработка со САД.
Таа додаде дека продолжуваат со работата во процесот на европските интеграции, но сè повеќе ставаат акцент на регионалната соработка.