Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се потврдени и признаени и нема потреба од каква било расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание, реагираат од СДСМ по најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција за македонските позиции во преговорите со Бугарија.
„Очигледно е дека тој ќе измисли сè само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата“, реагираат од владејачката партија.
Мицкоски претходно на прес-конференција рече дека ќе поднесат резолуција до Собранието, која, како што рече, би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците, а за Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.
Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на земјава со ЕУ, а со тоа и одржувањето на првата меѓувладина конференција лани со забелешки за неспроведување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, а главно поврзано со историски прашања. Истата одлука ја потврди и на минатомесечниот самит на Европската унија. За својата позиција официјална Софија се повикува на Декларацијата на бугарското собрание, усвоена во 2017 година, две години по потпишувањето на Договорот за добрососедство.