Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека неговата партија ќе предложи до македонското собрание резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со Бугарија. Резолуцијата, додаде Мицкоски, би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците , а за Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.
„Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес“, рече Мицкоски.
Тој го презентираше и текстот на резолуцијата набројувајќи дека таа предвидува преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ, да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот, да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
За македонскиот идентитет во резолуцијата се наведува дека тој го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, а споделените места на меморијата на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата.
Мицкоски нагласи дека европската иднина на Македонија е заглавена и закочена, a дека главна причина за спорот со Бугарија била „домат пазарџиската дипломатија на Зоран Заев и Никола Димитров“.
„Бугарските позиции ги знаеме. Нивните црвени линии се содржани во бугарската декларација, и во ставовите соопштувани од Претседателот и Владата на соседна Бугарија. Сите зборуваат за едни позиции. Но кои се позициите и црвените линии на Македонија? За жал тие граници не се дефинирани. И немаме една позиција“, рече Мицкоски.
Бугарија одлучи да ја блокира преговарачката рамка на земјава со ЕУ, а со тоа и одржувањето на првата меѓувладина конференција лани со забелешки за неспроведување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, а главно поврзано со историски прашања. Истата одлука ја потврди и на минатомесечниот самит на Европската унија. За својата позиција официјална Софија се повикува на Декларацијата на бугарското собрание, усвоена во 2017 година, две години по потпишувањето на Договорот за добрососедство.