Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. Не само тоа, тоа е и политички и морално погрешно, со тоа се поткопува авторитетот на ЕУ, истакна словенечкиот претседател Борут Пахор на пленарната сесија на високо ниво денеска на вториот ден на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“ што од вчера се одржува во Охрид.
Тој најави дека како претседател на Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ, но и во име на Владата во Љубљана, ќе направи се за деблокирање на процесите на интегрирање на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Активностите во таа насока, пренесува МИА, ќе почнат веќе наредната седмица, кога заедно со премиерот и шефот на словенечката дипломатија ќе отпатуваат за Софија, во обид да се деблокира евроинтегративниот процес и С.Македонија и Албанија да отпочнат преговори за членство.
„Преку проширувањето ќе се отстранат опасните, би рекол наивни идеи за промени на граници во регионот. Забрзан просец на интеграција на ЕУ значајно ќе ги зајаке начелото на територијален интегритет на земјите и бездноста на регионот, но и на цела Европа. Доколку проширувањето застане, нема да биде завршен европскиот проект за целосно обединета Европа“, рече Пахор, притоа потсетувајќи и на важноста од интензивната соработка со САД во таа насока.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, од своја страна пред говорниците посочи дека нејасната политика на ЕУ кон Западниот Балкан води кон пад на евроентузијазмот, што пак остава простор за пенетрација на трети страни и појава на лоши политики во регионот.
„Европските вредности не му се вродени на Западниот Балкан, напротив тој заостануваше затоа што долго време и избегнуваше да и се приклучи на Европа. Затоа мораме постојано заеднички да го туркаме процесот на интеграција на Западниот Балкан. Нема дилеми ниту префрлање на одговорноста врз други. Најважниот дел од работата мораме да го завршиме во своите дворови. Сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членови на ЕУ, но и рамноправни партнери, рече претседателот на Црна Гора.