Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер денеска во Охрид изјави дека Преспанскиот договор барал политичка храброст.
“Кога зборуваме за неговото наследство, се поставија стандарди за остатокот од регионот, а навистина и за остатокот од светот, како се решаваат отворени конфликти преку дијалог“, изјави Рикер на меѓународната конференција Преспа форум за дијалог.
Според него, договорот остварил придонес за двете земји.
“Со него, се потврди заложбата на Грција кон Западен Балкан и ѝ овозможи на Македонија да напредува. Меѓународната заедница го препознава напредокот на земјата. САД, Бајден, јас и Блинкен имаме доверба дека Северна Македонија може и ќе направи се што треба за да се зајакне владеењето на правото и искоренување на корупцијата, за да се обезбеди просперитетна иднина на земјата. САД сака да стои рамо до рамо со вашата земја како партнер“, истакна Рикер.