Столтенберг: Најважно за Косово е да најде политичко решение со Србија

Косовската претседателка Вјоса Османи и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Косовската претседателка Вјоса Османи денеска во Приштина се сретна со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, од кого побара поддршка за членство во организацијата, истакнувајќи дека ова прашање е исклучително важно за Косово.

„Настојуваме да се придружиме на НАТО. Потребна ни е и поддршка од оваа организација и околу членките на НАТО кои не го признаваат Косово“, рече Османи.

Столтенберг изјави дека најважно во овој момент за Косово е изнаоѓање политичко решение со Србија.

„Во одредена фаза, треба да видите нормализација. Тоа е важно кога станува збор за односот меѓу Приштина и Белград, но исто така ќе биде важно и кога станува збор за односот на Косово со сите меѓународни институции, вклучително и со НАТО“, рече Столтенберг на прес конференцијата по средбите.

Столтенберг исто така посочи дека договорот од 2013 година, според кој Косовските безбедносни сили (КБС) не можат да одат на северот на Косово без согласност на командантот на КФОР, сè уште е во сила. Во четири општини во северно Косово – Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, живее мнозинско српско население. Според генералниот секретар на НАТО, ова прашање било тема на разговор меѓу него и косовскиот премиер Албин Курти, кој смета дека овој договор е штетен. Столтенберг го поздрави фактот дека договорот е сè уште валиден.

„Тоа е најдобриот начин да се најде вистинската рамнотежа, да се избегнат ситуации што можат да ги поткопаат и ослабнат напорите за изнаоѓање решение и да се избегне се што може да го наруши дијалогот меѓу Приштина и Белград“, рече Столтенберг.