Воли Фанк, 82-годишна жена-пилот, ќе му се придружи на основачот на Амазон, Џеф Безос на пат во вселената кон крајот на овој месец, на првиот лет со екипаж на милијардерската компанија „Blue Origin“.
„Фанк ќе биде почесен гостин“, објави денеска компанијата.
Таа ќе им се придружи на Безос, неговиот брат и победникот на добротворна аукција, како првите луѓе што ќе летаат со ракета Newу Shepard. Патувањето е планирано да трае 10 минути.
Фанк ќе стане најстарата личност што некогаш летала во вселената. Таа ќе го победи покојниот Џон Глен, кој постави рекорд кога на 77 години леташе со вселенскиот шатл Дискавери во 1998 година.
Фанк е меѓу таканаречените жени од Меркур 13, кои поминале низ обука за астронаути во 60-тите години на минатиот век, но никогаш не стигнале до вселената.
„Никој не чекаше подолго. Време е. Добредојдовте во екипажот, Воли. Возбудени сме што ќе летате со нас на 20 јули како наш почесен гостин“, напиша Безос на Инстаграм.