Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцините против Ковид-19 нудат заштита од сите варијанти на коронавирусот, вклучувајќи ја и Делта.
„Имаше голем број варијанти во последните месеци и очекуваме повеќе. Многу е важно да има континуиран мониторинг и внимателно следење на перформансите на сите одобрени вакцини против варијантите што се појавуваат.“, рече Марко Кавалери, шеф за стратегија за вакцини на ЕМА, за време на брифинг со новинарите.
Високо преносливата Делта варијантата на коронавирусот за првпат беше идентификувана во Индија и доведе до бран на нови инфекции низ целиот свет.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека е неизбежен нов бран на инфекции од корона вирусот во Европа, каде што високо заразната Делта варијанта предизвика раст на нави случаи во земји како Русија, која најави засилување на кампањата за вакцинација со цел да спречи бран на смртни случаи и инфекции.
Ханс Клуге - шеф на СЗО во Европа, на денешен брифинг со новинарите рече дека е завршено 10-неделното опаѓање на новоинфицирани низ цела Европа и дека граѓаните и законодавците треба да ја одржуваат дисциплината доколку сакаат да избегнат експлозија на случаи.