Рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи со поддршката на режимот на белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко кој се соочува со зголемен меѓународен притисок.
„Ние ќе продолжиме да обезбедуваме сеопфатна помош за братскиот белоруски народ во сегашната политичка ситуација“, рече Путин на осмиот Форум на региони на Русија кој се одржа преку видео конференција.
„Белорусија не е само добар сосед за нас, пред се и најважно таа е нашиот најблизок сојузник“, додаде Путин.
Европската унија, Соединетите држави и другите земји воведоа санкции кон белоруски субјекти и блискиот круг на Лукашенко поради бруталната акција против опозицијата и медиумите од страна на белоруските власти по изборите во август 2020 година. Опозицијата вели дека изборите биле наместени, а Западот одби да ги признае официјалните резултати од гласањето и смета дека Лукашенко е нелегитимен лидер на земјата.
Путин рече дека Москва „ќе продолжи да ги поддржува нашите белоруски пријатели во нивниот отпор против ограничувањата преку санкциите што ги наметна Европската унија неодамна“.
Лукашенко исто така се обрати на форумот, велејќи дека Белорусија и Русија ќе ги издржат нападите започнати против двете земји.
„Ние ќе го искористиме овој момент за да ја зајакнеме нашата економска соработка и да ги направиме нашите земји целосно независни и не само од економска гледна точка“, рече Лукашенко.
Русија исто така беше погодена од западните економски санкции поради нејзината анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, како и нејзиното учество во земјата во источна Украина.