Предлог-законот за учебници повлечен ќе оди на јавна дебата

Министерство за образование и наука

Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен од Владата.

„Предлог-законот ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно-образовен процес, по што конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание“, наведуваат од Министерството за образование и наука.

МОН информира и дека не отстапува од спроведување на планот за реформа на основното образование од новата учебна година која има за цел воведување нови наставни програми во прво и четврто, според новата Концепција и дигитални учебници од четврто одделение.

„Како што јавноста е веќе запозната, новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни. Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следува дистрибуција до училиштата, додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија“, наведуваат од МОН.

При крајот на мај, Собранието го прифати предлогот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Во Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година беше предвидено да бидат воведени дигитални учебници, прво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници.