Турција денеска официјално го напушти меѓународниот договор за борба против насилството врз жените, односно таканаречената Истанбулска конвенција. Одлуката на претседателот Реџеп Таип Ердоган доби силни критики во Турција, но и во странските земји.
Во повеќе турски градови денеска се најавени протести против повлекувањето од Конвенцијата кое во март беше најавено од страна на Ердоган. Повлекувањето од Истанбулската конвенција стапи на сила на полноќ.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таканаречената Истанбулската конвенција, е документ усвоен во 2011 година и потпишан од страна на 45 земји и од Европската унија.
Станува збор за првиот правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Конвенцијата обезбедува детална меѓународна правна рамка за поефикасно искоренување на семејното насилство и насилството врз жените.
Ердоган ја донесе ваквата одлуката и покрај тоа што бројот на убиства на жени во Турција е зголемен во текот на изминатата деценија, а потегот предизвика лутина кај организациите за заштита на правата на жените, како и критики од ЕУ, Вашингтон и Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации.
Турската влада ја објасни одлуката со тоа дека Истанбулската конвенција „ги поткопува семејните вредности“ и „сака да ја прикаже хомосексуалноста како нормална“, бидејќи повикува луѓето да не бидат дискриминирани врз основа на сексуална ориентација.
Минатата година 300 жени биле убиени во Турција од страна на нивните партнери или поранешни партнери, според Здружението за правата на жените „Да ставиме крај на убиството на жени“.
Оваа година нема тренд на опаѓање, бидејќи досега биле убиени 189 жени, според податоците на здружението.