Индонезија воведува итни мерки поради нов бран на Ковид-19

Ковид-19 во Индонезија.

Индонезија оваа недела ќе воведе „итни мерки“ поради силниот бран на епидемијата на корона вирусот, изјави денеска претседателот Јоко Видодо.

Бројот на новоинфицирани достигна 21.000 случаи дневно, а властите го потврдија ширењето на особено заразните соеви на вирусот.

„Оваа ситуација нè принуди да преземеме поостри мерки. Одлучив итно да воведам ограничувања“, рече шефот на државата.

Примената на рестриктивните мерки ќе започне во сабота на 3 јули и ќе трае до 20 јули во Џакарта и на островите Јава и Бали, кои се најтешко погодени од епидемијата.

Според најавените мерки, вработените ќе работат од дома, а наставата ќе се одржува исклучиво преку Интернет. Трговските центри и џамиите ќе бидат затворени.

Индонезиската влада е критикувана дека не реагира доволно силно на пандемијата во земјата, која беше најтешко погодена во регионот на Југоисточна Азија.

Индонезискиот претседател долго време се залагаше за ограничени мерки за да се спречи економскиот колапс, но болниците во Џакарта и Јава во последните неколку недели беа полни со нови пациенти, од кои некои се заразени со новата Делта варијанта на вирусот.

Болниците поставија шатори пред зградите, а некои пациенти се враќаат поради полн капацитет.

Индонезија досега има регистрирано повеќе од 2,1 милиони случаи на Ковид-19 и 58.491 смртни случаи. Сепак, се смета дека вистинските бројки се многу повисоки со оглед на малиот број тестирања.

Властите сакаат да вакцинираат 180 милиони луѓе од вкупно 270 милиони, но досега се вакцинирани само пет проценти од населението.