Си Џинпинг: Преродбата на Кина е историски неповратен процес

КИНА - Кинескиот претседател Си Џинпинг зборува за време на церемонијата по повод 100-годишнината од основањето на владејачката кинеска комунистичка партија на плоштадот Тјенанмен во Пекинг. 1 јули 2021 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска по повод одбележувањето на стогодишнината од владејачката Комунистичка партија, рече дека таа и народот создадоа „нов свет“ и предупреди дека ќе им биде возвратено на странските земји кои се обидуваат да ја заплашат земјата.

Во едночасовно обраќање на плоштадот Тјенанмен, Си рече дека преродбата на Кина е „неповратен историски процес“, но и дека ќе ја унапреди кинеската војска, дека е посветен на „обединување“ со Тајван и дека социјалната стабилност во Хонгконг ќе биде обезбедена, притоа заштитувајќи ја безбедноста и суверенитетот на Кина.

„Кинескиот народ се крена. Помина времето кога кинескиот народ беше газен, угнетуван и кога страдаше“, рече Си пред големата толпа собрана на плоштадот Тјенанмен во центарот на Пекинг. Тој додаде: „Само социјализмот може да ја спаси Кина“.

Тој истакна дека народот во Кина никогаш нема да дозволи да го заплашува странска сила, да го репресира или покорува.

„Секој што ќе се обиде да го стори тоа, ќе ја скрши главата во крв на Големиот ѕид од челик што беше искован од повеќе од 1,4 милијарди припадници на кинескиот народ“, рече Си и доби аплауз од 70.000 луѓе во публиката на централниот плоштад во Пекинг.

Претседателот, кој е на чело на Централната воена комисија, додаде дека мора да се забрза модернизацијата на националната одбрана и вооружените сили.

Коментирајќи ги Хонгконг и Макао, тој рече дека Кина „ќе остане верна на буквата и духот на принципот - една земја, два системи“, според кој на овие две територии им е ветен висок степен на автономија.

Прославата започна со прелетувања на борбени авиони и хеликоптери, што ги проследи највисокото државно раководство во центарот на Пекинг. Хор од 3.000 члена отпеа седум песни.

Кинеската комунистичка партија првично регрутираше селани и работници, но подоцна еволуираше и усвои пазарна економија и претприемништво според форматот на „социјализам со кинески карактеристики“, но го задржа ленинистичкиот модел на авторитаризам.

Партијата во 2020 година се зголеми за 2,43 милиони членови и сега има над 95 милиони, според податоците кои ги пренесе Ројтерс.