Силва – Изјавата на Закаријаш за „северномакедонски јазик“ е грешка

Премиерот Зоран Заев се сретна со португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва (Л) и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји (Д) во Скопје на 21 мај 2021

Изјавата на португалската државната секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, во која таа користи „северномакедонски јазик“ е грешка, изјави денеска министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва. Закаријаш претходно рече дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.

Силва за МИА ги коментираше последните случувања околу содржината на португалскиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, и додаде дека неговата државна секретарка згрешила.

Силва порача дека португалскиот предлог содржи „македонски јазик“.

„Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, не ја поминуваме секоја секунда од секоја минута од секој час секој ден во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка, кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик таа сакаше да каже македонски јазик“, рече Силва.

Министерот понатаму додаде дека содржината на португалскиот предлог е прифатен од македонска страна и може да биде прифатен од бугарска страна.

„Сметаме дека предлогот што го поднесовме и кој беше прифатен од Северна Македонија и мислам дека Бугарија може во блиска иднина да го прифати исто така, е многу јасен, зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот“, порача Силва.

Тој смета дека не е на ЕУ да држи улога на „јазична полиција“ и дека тоа не помага во изнаоѓање на решение.

Ова е последен ден од португалското претседавање со ЕУ, од утре тоа ќе го прави Словенија. Силва се надева дека тоа што не успеал Лисабон, ќе се стори за време на словенечкото претседавање со ЕУ и дека ќе се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија.