ВМРО-ДПМНЕ со кривична пријава,а Левица со интерпелација за Џафери

Талат Џафери

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради, како што се наведува во нивното соопштение, „свесно кршење на Уставот и законите“.

Причина за тоа е обраќањето на Џафери во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на албански јазик. На денешната прес конференција во Собранието, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, остро го критикуваше однесувањето Џафери.

Таа истакна дека со тоа, Џафери го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара, а ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

„Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо,“ вели пратеничката Силјановска Давкова.

Силјановска посочи дека ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.

„Ова значи дека господинот Талат Џафери си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот“, истакна Силјановска Давкова.

Од опозициската партија апелираат надлежните власти и институции да реагираат и да го осудат ваквиот чекор. Опозициската Левица пак, денеска на прес конференција најави дека ќе поднесе интерпелација за Џафери во Собранието