Британско-руска препирка околу инцидент во Црното море

Илустрација, британски воен брод

Велика Британија и Русија вербално се судрија околу инцидентот кој се случи минатата недела во Црното море кога британски воен брод помина покрај украинскиот полуостров Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Рускиот претседател Владимир Путин при последното телевизиско интервју изјави дека руските воени бродови и авиони испукале предупредувачки истрели кон британскиот брод. Целта била да го принудат британскиот брод да ја напушти областа во близина на Крим, за која Москва тврди дека е нејзина територија.

Британските власти веднаш по оваа изјава соопштија дека не направиле ништо лошо со тоа што го искористиле, како што велат, меѓународното право за премин низ украинската територија.

Инцидентот кој се случи на 23 јуни беше последната точка која ги вжешти односите меѓу Западот и Кремљ, во услови кога тензиите околу руската анексија на украинскиот полуостров се во пораст.

Русија го зазеде украинскиот регион Крим во март 2014 година со испраќање на војска и организирајќи референдум кој што не беше признаен од најмалку 100 земји. Ова се случи откако украинскиот проруски претседател Владимир Јанукович беше симнат од власт со бранот протести.