Германскиот државен секретар за Европа Мајкл Рот денеска нагласи дека е крајно време да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија и дека е потребно да се забрза процесот на европска интеграција. Според него, иднината на сите „шест“ балкански земји е во ЕУ и тие држави имаат целосна поддршка од Германија и целата Унија во евроинтегративниот процес.
„Убеден сум дека сме на вистинскиот пат и Западен Балкан ја има и ќе ја има нашата посебна посветеност“, истакна Рот кој преку онлајн платформа се приклучи на состанокот „ЕУ-ЗБ по ерата по Ангела Меркел“
Тој потсети дека Германија, за да го поддржи процесот, кога не беше на високо место на агендата, го иницираше Берлинскиот процес и додаде дека целта се опипливи чекори што ќе ги почувствуваат граѓаните на Западен Балкан. Рот потсети дека на Конференцијата за мал Шенген која се одржа вчера, беше најавена целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот во Берлинскиот процес, на 5 јули.