Бислимоски: Сметките за струја ќе останат непроменети

Марко Бислимоски

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која сметките за електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ незначително ќе се намалат, со примена на измените на Законот со кои ДДВ за електрична енергија се намали од 18 на 5 отсто.

„Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали, како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ-то за електрична енергија“, изјави Марко Бислимоски претседателот на РКЕ на денешната прес-конференција.

Бислимоски посочи дека РКЕ нема влијание на останатите елементи во крајната цена, како што се увозот на струјата кој во првите шест месеци изнесуваше 32 милиони евра, маржата на ЕВН Хоме, трошокот за обновливи извори кој е зголемен за 1,5 милиони евра, цената на ЕСМ која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5 отсто.

„Намалувањето на ДДВ-то е добро решение, но неопходен е системски одговор- да се прошири опфатот на ранливи категории кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија“, изјави Бислимоски.

Според него, МЕПСО за период од три години му се одбиени вкупно 11,6 милиони евра трошоци, додека на Електродистрибуција 12,9 милиони евра. РКЕ денеска одобри инвестиции за период од три години и тоа во преносната мрежа 60 милиони евра, а во Електродистрибутивната мрежа инвестиции од 124 милиони евра.