Најголемата меѓународна конференција која се организира во земјава „Преспа форум дијалог“ с еодржува утре и задутре во Охрид и Отешево на која ќе се сретнат лидерите на државите од регионот со највисоките претставници од Европа и САД. Според владиното соопштение, низ големиот број на дискусии, панелистите ќе се осврнат на носечката тема на конференцијата „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“.
„Во основата на Преспа форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот“, наведуваат од владината прес-служба.
Според соопштението, доаѓаат двајца претседатели на држави, на Словенија и Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, како и четири премиери од регионот, Еди Рама, Зоран Тегелтија, Ана Брнабиќ и Албин Курти и осум министри за надворешни работи од Албанија, Австрија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Полска, Грција, Чешка и Италија. Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер и заменик помошник Секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, ќе бидат дел од Конференцијата, додека пак од ЕУ, ќе присуствуваат комесарот Јоханес Хан, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Анџелина Ајнхорст од Службата за надворешна и безбедносна политика, како и неколку пратеници од Европскиот парламент. Од Франција како гости и учесници ќе бидат специјалниот пратеник на министерот, Жан-Ив Ле Дриан, сенаторот Алан Ришар, како и пратеникот Жак Мер.
Присутен ќе биде и поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, како и значајни претставници од така наречената „Охридска група“. На највисоко можно ниво ќе бидат претставени ОБСЕ и Советот на Европа, а тука се и генералниот секретар Марија Пејчиновиќ Буриќ, генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу, генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и на Комитетот за демократии, Томас Гарет.
Конференцијата е под покровителство на Владата, а во организација на Министерството за надворешни работи.