Путин ги охрабрува Русите да се вакцинираат

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин го започна неговото годишно обраќање до нацијата во живо, охрабрувајќи ги граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19, бидејќи земјата се бори против нов пораст на случаи со коронавирус и на смртни случаи. Официјално познат како „Директна линија“, настанот се случува во услови кога во земјата треба повторно да се спроведат ограничувањата на јавниот живот.

Говорејќи на сцената на маса со двајца модератори кои презентираа неколку од над 2 милиони прашања поднесени од граѓаните, Путин рече дека се надева оти ќе се избегне заклучување на целата земја како одговор на напливот на случаи и нема да наметне задолжителни вакцини иако Русија во моментов има една од најниските стапки на вакцинација.

На 29 јуни, здравствените власти пријавија скоро 21.000 нови инфекции и 652 смртни случаи, што е нов дневен рекорд на смртност во земјата. Вкупно повеќе од 135 000 смртни случаи од Ковид-19 се регистрирани во Русија од почетокот на пандемијата, додека Кремљ беше принуден да признае дека нема да се оствари националната цел за вакцинирање на 60 проценти од населението.

Путин за прв пат откри дека ја примил вакцината „Спутник В“, ставајќи крај на неколкумесечните шпекулации за тоа која вакцина ја примил зад затворени врати на крајот на минатата година. Тој тврди дека претходно не излегол во јавноста со типот на вакцината затоа што не сакал да им даде конкурентска предност на производителите на вакцини.

„Неопходно е да се слуша, не луѓето што малку разбираат за ова и да шират гласини, туку специјалисти“, им се обрати тој на Русите, од кои мнозинството, според анкетите, се противат на вакцинацијата.

Во изминатите години, Кремљ го искористи настанот кој трае неколку часа за да го покаже Путин како одговорен, симпатичен лидер кој може да ги воздигне минатите и сегашните успеси на Русија, а исто така се обрнуваше внимание и на локалните проблеми.