Руската полиција отвори истрага за нападот на новинар на РСЕ

Андреј Афанасиев

Истражниот комитет во рускиот град Благовјешченск на Далечниот исток отвори истрага за физичкиот напад врз соработник на рускиот сервис на Радио Слободна Европа, Андреј Афанасјев.

Афанасјев за РСЕ изјави дека полицијата го информирала дека денеска е поведена истрага поради „хулиганството“ што се случило на 9 ти јуни.

„Мислам дека истражителите се обидуваат да избегнат споменување на зборот новинар и да презентираат сè како да е само хулиганство, како нападот да нема никаква врска со моите професионални активности“, рече Афанасјев, додавајќи дека истрагата требало да опфати „опструкција“ на новинарски активности.

На 9 јуни, Афанасјев беше нападнат и силно претепан од тројца непознати напаѓачи. Тој рече дека еден од напаѓачите го соборил на земја во близина на неговиот стан и го удрил со метална шипка.

Афанасјев верува дека нападот е одмазда за неговиот неодамнешен истражувачки текст за Клубот за воени вештини Ахмат во Благовјешченск. Менаџерот на тој клуб, Адам Магомадов, е поранешен водач на чеченската дијаспора и беше уапсен во април под обвинение за изнуда. Истражувањето на Афанасјев откри дека клубот за боречки вештини го основал локален пратеник од владејачката партија Единствена Русија.

Во меѓувреме претседателот на РСЕ Џејми Флај ги повика руските власти да го истражат нападот врз Афанасјев.

„Истражувачкото новинарство не е кривично дело“, напиша Флај на Твитер на 11 јуни.

Истрага за нападот врз Афанасјев побара и Комитетот за заштита на новинарите, со седиште во Њујорк.