Мировниците во Авганистан - влезница за во НАТО

„Македонските војници може да служат успешно во рамките на која било мировна мисија. Се покажа дека нашите војници се професионално обучени согласно највисоките НАТО стандарди“, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски, на свеченоста по повод завршувањето на учеството на Армијата во мировната мисија во Авганистан.

Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. А тоа продолжи учеството во нова мисија на НАТО – решителна поддршка. Во двете мисии, нашата армија учествуваше со над 3300 луѓе, од кои околу 190 беа припаднички на женскиот пол, рече Пендаровски.

Претседателот, како Врховен Командант на вооружените сили, рече дека С. Македонија од земја – корисник, стана земја извозник на безбедноста и дека пред неколку децении не можело да се замисли дека наши војници еден ден ќе бидат дел од мировните мисии во светот, оти такви мисии имаше на територијата на Македонија.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска Шекеринска во обраќањето до мировниците рече дека тие биле влезницата на С Македонија во НАТО.

Министерката Шекеринска е убедена дека тоа што го научиле мировниците на мисиите ќе може да го пренесат дома и да помогнат Армијата да се развие.

Потполковник Фето Бајрами, командант на првиот контингент на АРМ во Авганистан во 2003 рече дека за еден војник и офицер нема ништо повозвишено од тоа да ја претставува својата земја и својата Армија на една меѓународна мисија.

По цели 19 години, Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, согласно одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“. Со тоа заврши и долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ“ и „Одлучната поддршка“ во Авганистан.