Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој се криминализира учеството во активности на странски невладини организации признаени како „непожелни“ во Русија.
Путин денеска го потпиша законот, пет дена откако го одобри Горниот дом на Парламентот. Претходно ваквата мерка беше изгласана и од Долниот дом на Државната Дума.
Според законот, руските граѓани може да се соочат со затворска казна од шест години доколку бидат прогласени за виновни за организирање операции на „непожелни“ меѓународни организации на руска територија.
На руските државјани и субјекти, каде и да се наоѓаат, ќе им биде забрането да учествуваат во активностите на странски невладини организации кои се етикетирани како „непожелни“ во Русија.
Поединци кои учествуваат во активности на такви организации може да се соочат со затвор до четири години, а доколку, пак, собирале пари за такви групи може да добијат казна затвор до пет години.
Предлог-законот исто така вели дека лицата кои доброволно престанале да соработуваат со „непожелни“ организации или помагаат во затворање на работењето на таквите организации нема да бидат судени.
Законот, дозволува и институцијата која е задолжена да го следи перењето на пари во земјата, да ги мониторира трансферите на пари од некои земји, чиј список ќе биде специјално утврден во договор со Централната банка.
Законот за „непожелна организација“, беше усвоен во мај 2015 година. Овој закон е дел од серијата регулативи кои руските власти ги наметнаа на многу непрофитни и невладини организации кои добиваат пари од странски извори, пред сè од Европа и од САД.