Состанок на Чанак и Курти за исчезнатите лица во Косово

Ненад Чанак - лидер на Социјалдемократската лига на Војводина и Албин Курти, премиер на Косово.

Премиерот на Косово Албин Курти денеска во Приштина се состана со лидерот на Социјалдемократската лига на Војводина, Ненад Чанак, со кого разговараше за исчезнатите лица за време на војната на Косово.

Курти и Чанак се согласија официјален Белград да ги отвори архивите и да ги обезбеди сите потребни информации за масовните гробници за кои има сомневања дека се на територијата на Србија.

Ненад Чанак има поинаков став за прашањето на Косово од другите српски претставници, односно ја признава независноста на Косово.

Чанак исто така му рече на премиерот Курти дека ги донел синот и внукот да го посетат Косово, со цел да ја видат реалноста во која живеат Србите и Албанците, бидејќи според негова проценка Србија ја крие вистината од народот.

По завршувањето на војната на Косово во 1999 година исчезнаа околу 6.500 лица.

Во меѓувреме, во Косово и Србија беа ископани масовни гробници, а околу 70 проценти од исчезнатите лица беа ексхумирани.

Се уште се бараат повеќе од 1.600 лица, претежно Албанци.

Последната масовна гробница е пронајдена во Кижевак кај Рашка, од која беа ексхумирани девет остатоци од убиени за време на војната.

Претставникот на косовската делегација за исчезнати лица Ибрахим Маколи тогаш изјави дека се бараат одговори за уште 11 локации, каде е можно да се најдат тела на убиени. Тој побара официјален Белград да ги отвори воените архиви.