Неодржлива ситуација со затворените борци на Исламската држава во Сирија

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Притворањето на околу 10 илјади борци на Исламската држава(ИД) во логорите во Сирија доведе до „неодржлива“ ситуација, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Борците на Исламската држава се притворени во логорите управувани од демократските сили на сириските Курди, кои се поддржани од САД, откако ИД беше прогласена за поразена во 2017 година.

Блинкен, кој учествува на состанокот во Рим за обновување на меѓународните напори за борба против групата Исламската држава, денеска изјави дека САД постојано ги повикуваат земјите да ги вратат, рехабилитираат или да ги гонат своите граѓани кои се приклучиле на организацијата.

„Оваа ситуација едноставно е неиздржлива и не може да опстои на неодредено време. Соединетите Држави продолжуваат да ги повикуваат земјите од каде потекнуваат овие борци, вклучително и коалиционите партнери, да ги вратат овие луѓе назад, да ги рехабилитираат и ако има потреба, да ги гонат своите граѓани“, рече Блинкен во воведното обраќање.

Тој вели дека за целосен пораз на групата треба да се решат заканите што ги носи Исламската држава надвор од Ирак и Сирија, поточно во Африка.

ИД зазеде големи делови на Ирак и Сирија од 2014 година, а три години подоцна беше воено поразена од коалицијата предводена од САД.

Групата оттогаш спроведуваше напади низ делови на северен Ирак и границата со Сирија. Во последните месеци ирачките власти велат дека милитантите на ИД се виновни за најмалку 25 смртоносни напади. Во јануари во бомбашки напад на преполн пазар во Багдад загинаа повеќе од 30 луѓе.