Ние сме навистина разочарани од фактот што Република Северна Македонија не ги започна пристапните преговори за членство во Европската унија и постојано ја испраќаме пораката дека земјата е подготвена и ги има исполнето сите услови потребни за влез во ЕУ.
Ова го нагласи американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз, одговарајќи на новинарско прашање дали САД очекуваат засилени средби меѓу политичарите и засилена комуникација Скопје-Софија откако Македонија не доби зелено светло за почеток на преговорите.
„Ќе продолжиме со нашите дипломатски ангажмани и во иднина, а го истакнуваме ставот дека иднината на Република Северна Македонија е во продолжување на процесот за членство во ЕУ“, изјави амбасадорката Брнз по денешната церемонија на примопредавањето на АБХО опрема за деконтаминација, донација од САД, во касарна Чојлија кај Петровец, на која присуствуваше заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.