ОН повикуваат на крај на „системскиот расизам“ и неказнивоста на полициското насилство врз црнци

Илустрација: Протест за расна еднаквост во САД

Системскиот расизам против луѓе со африканско потекло е распространет во многу делови од светот, вели шефицата за човекови права на ОН Мишел Башеле во глобалниот извештај поттикнат од убиството на Џорџ Флојд од страна на полицаец во Минеаполис минатата година.

Башеле вели дека полициската употреба на расно профилирање и прекумерна сила е вообичаена практика во многу делови на Северна Америка, Европа и Латинска Америка и ги повика владите да стават крај на дискриминацијата и да ги процесираат полицајците за незаконски убиства.

„Го повикувам сите држави да престанат да негираат и да започнат со демонтирање на расизмот, да стават крај на неказнивоста и да изградат доверба, да ги слушаат гласовите на луѓето со африканско потекло да се соочат со наследството и да ги исправат работите, рече таа во извештајот до Советот за човекови права.

Башеле во извештајот наведува 190 смртни случаи на Африканци и луѓе со африканско потекло ширум светот од рацете на полицајци, кои „ретко одговараат“, а опишани се седум карактеристични случаи, меѓу кои и тој на Флојд.

Советот за човекови права на ОН го нарача извештајот на специјална седница минатата година по убиството на Џорџ Флојд во САД.

Поранешниот полицаец Дерек Шовин пред три дена беше осуден на 22,5 години затвор во неговото убиство. Снимката од убиството го поттикна протестното движење Животите на црнците се важни.

„Денес постои огромна можност за да се постигне пресвртница за расна еднаквост и правда“, се наведува во извештајот.

Башеле ја поздрави „ветувачката иницијатива“ на американскиот претседател Џо Бајден со потпишувањето на извршната наредба за решавање на расната нееднаквост во САД во јануари.