Французите масовно апстинираа од гласањето на регионалните избори, а резултатите покажуваат неуспех на центристичката партија на претседателот Емануел Макрон и на екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен.
Победата на традиционалните партии на левицата и десницата ја доведува во неизвесност трката за претседателските избори закажани за пролетта 2022 година.
И во првиот и во вториот круг на регионалните избори имаше многу мал одѕив на гласачите. Во седум региони победи десницата, е во пет левицата.
Националниот фронт, како и партијата Републиката во движење на Макрон не освоија ниедно место. Во некои региони се здружија левицата и десницата за да спречат победа на екстремната десница на Ле Пен.
Експертите сметаат дека тој неуспех не е изненадувачки, зашто партиите на Макрон и Ле Пен не се „вкоренети“ во француските региони, за разлика од традиционалните партии на левицата и десницата.
Француските медиуми оценуваат дека некои десничари сега ќе имаат поголем поттик да влезат во претседателската трка. Еден од нив е Гзвие Бертран, десничар и поранешен министер за здравство и труд, кој на регионалните избори победи на северот.
„Сега сите сфатија дека на претседателските избори ќе има трка на тројка“, изјави бертран, алудирајќи на Макрон, Ле Пен и на себе.
Левицата победи во неколку региони со поддршка на зелените. Претседателот на Социјалистичката партија Оливие Фор изјави дека левицата повторно освојува простор и додека дека неговата партија е „движечкиот мотор кој треба да ја собере целата левица и зелените на претстојните претседателски избори“.
Аналитичарите сепак повикуваат на внимателност со оценка дека добрите резултати на левицата и десницата на регионалните избори можат, но не мораат да бидат показател за популарноста на тие традиционални партии на национално ниво.