Во Москва, каде што во изминатите 24 часа се потврдени 6723 нови случаи на коронавирус, а 114 луѓе починаа, од денеска стапуваат на сила нови епидемиолошки мерки.
Во рестораните, кафулињата и баровите ќе им биде дозволен влез само на вакцинираните, оние кои ја прележале болеста или на лица кои ќе приложат негативен тест на коронавирус.
Градските власти воведоа ограничувања и за најголем дел од болничките услуги, кои исто така ќе може да ги користат целосно вакцинираните граѓани или оние кои имаат тестови на антитела.
Во Русија и понатаму расте бројот на инфицирани, па во последните 24 часа се регистрирани над 20 илјади нови случаи, а 599 луѓе починаа.
Планот да се вакцинираат 30 милиони граѓани до средината на јуни не е исполнет.
Регионалните власти ширум Русија ги обврзуваат вработените да се вакцинираат, а доказ за имунизација е неопходен за влез во ресторани и на други јавни места.
Причината за порастот на нови случаи здравствените власти ја гледаат во непридржување на мерките и распространетоста на новите соеви на вирусот, но пред сè во малиот број вакцинирани.
Само 20,7 милиони луѓе, односно 14 отсто од 146-те милиони жители на Русија примиле најмалку едно доза од вакцината, а само 16,7 милиони, односно 11 отсто се целосно вакцинирани.
Московските власти соопштија дека компаниите не би требало да им исплаќаат плати на вработените кои не сакаат да се вакцинираат и треба да им се заканат дека привремено ќе ја прекинат работата на фирмите кои не ја исполнуваат целта 60 отсто од вработените да примат барем една доза од вакцините до 15 јули, а двете дози до 15 август.