Курти: Конечниот договор со Србија да подразбира и место за Косово во ОН

Косовскиот премиер и лидер на партијата Движење Самоопределување, Албин Курти

Косовскиот премиер и лидер на партијата Движење Самоопределување, Албин Курти изјави денеска дека цел на неговата Влада во идните преговори со Србија е постигнување конечен договор. Во денешното обраќање на седницата на Генералното собрание на неговата партија, Курти рече дека „договор кој го содржи признавњето од Србија, а не резултира и со место во ОН, или кој нуди место во ОН како замена за признавањето од страна на Србија, може да биде договор, но не може да биде конечен“.

Сите го знаеме барањето за конечен и законски обврзувачки договор. За нас конечен договор е оној кој не го издвојува признавањето од страна на Србија од местото за Косово во ОН. (…) А, договорот ќе биде обвзувачки, според наше видување и убедување, единствено кога ќе ги има формата и содржината на еден меѓународен договор според барањата и целите на Виенската конвенција за Законот за трактатот“, изјави Курти.

Тој порача дека преговорите со Белград не можат да продолжат во недоглед и дека тие „не се за статусот на Косово, туку за статусот на дијалогот меѓу Косово и Србија“.

„Се навршуваат 23 години преговори меѓу Косово и Србија, речиси половината од тој период со посредство или олеснување од страна на Европската унија. Не можеме да продолжиме во недоглед, но треба да знаеме уште на почетокот од дијалогот дека преговорите не се за статусот на Косово, туку за статусот на дијалогот меѓу Косово и Србија, а кој треба да се заснова на еднаквост и реципроцитет, исто како и меѓусебното признавање“, изјави Курти.