Во туристичкото место Велипоја во вооружен судир на плажата „Пулај“ биле убиени 4 лица, а две повредени. Жртвите се на возраст од 20, 25, 38 и 59 години, двајца од нив се браќа. Повредените се на 17 и 54-годишна возраст.
„Причината за вооружениот конфликт е поделба на сопственоста над песочните плажи каде што се поставени лежалки, помеѓу два хотела, оддалечени 50 метри еден од друг“, изјави директорот на полицијата во Скадар, Нико Брахимај, на местото на настанот.
Албанскиот претседател Илир Мета изјави„плажите и центрите на нашите градови не заслужуваат да личат на боиштата на Дивиот запад“.
Тој порача дека станува збор за шокантен настан што бара целосно истражување на околностите и причините што довеле до жртви.
„Конфликтите со огнено оружје, кои се случуваат на јавни места и во екот на туристичката сезона, ги загрозуваат животот и здравјето на десетици граѓани, но од друга страна сериозно ја нарушуваат сликата за Албанија кај домашните и странските туристи. Плажите и центрите на нашите градови не заслужуваат да личат на бојните полиња на Дивиот запад. Значи, во оваа ситуација, која се чини излезе од контрола и која за жал произведува жртви секој ден, секој висок државен орган мора да ги преземе своите должности и да се откаже од цинична пропаганда, која не може да ги покрие вистините, за кои сите гледаме“, наведува Мета во реакцијата.
Според него, јавниот ред и безбедност се сериозно нарушени и бараат нови ефикасни мерки за нивно гарантирање, со цел да се заштитат животот, здравјето и имотот на граѓаните.