Пристигнаа 500 илјади вакцини „Синовак“, продолжува вакцинацијата

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерството за здравство соопшти дека денеска на скопскиот аеродром пристигнаа 500.000 вакцини од производителот Синовак. Вакцините, според соопштението, ќе бидат соодветно складирани во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина каде што има доволно капацитет да се сместат во ладните соби по што ќе бидат дистрибуирани до пунктовите низ државата согласно закажаните термини за вакцинација. Ова е најголема количина на вакцини која одеднаш пристигна во нашата држава.

„Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на боројот на новозарзени со Ковид 19, и на хоспитализиарани граѓани, за што говори фактот дека сите ковид центри низ државата се празни, а мал е бројот на хоспитализирани пациенти и на Инфективната клиника. Изразувам голема благодарност до Владата на Народна Република Кина и кинескиот народ за поддршката која ни ја дадоа во борбата против корона вирусот“, изјави државниот секретар на Министерството за здравство, Иванка Стојаноски.

Амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо порача дека Светската здравствена организација ја одобри вакцината Синовак за итна употреба на 1 јуни.

„Како и вакцината Синофарм, вакцината Синовак е исто така инактивирана вакцина. Кина сега вакцинира луѓе на возраст од 3 до 100 години. Во Кина се администрирани над 1,1 милијарда дози. Верувам дека вакцината ќе и помогне на Северна Македонија да изгради имунолошка бариера и да формира цврста линија на одбрана за заштита на животот и здравјето на луѓето“, потенцираше амбасадорот Џанг Ѕуо.

Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави дека до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk, а досега не добиле термин.