Трамп со критика до Бајден за уништување на нацијата

Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикуваше претседателот Џо Бајден за „уништување на нашата нација“ и ги повтори неоснованите тврдења за изборите во ноември на неговиот прв митинг по напуштањето на Белата куќа.

Неколку илјади луѓе излегоа на вчерашниот настан на саем во близина на Кливленд, Охајо, на кој Трамп го поддржа Макс Милер, еден од неговите поранешни соработници. Милер предизвика еден од 10-те членови на републиканците, кои гласаа за импичмент на Трамп за неговата улога во поттикнување на немирите во Капитол на 6 јануари.

Комитетот за политичко дејствување на Трамп „Спаси ја Америка“ соопшти дека митингот е прв од многуте планирани настапи на екс-претседателот за поддршка на кандидатите и е во согласност со агендата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.

Една од причините е да им се помогне на републиканците да ја повратат контролата врз Конгресот на среднорочните избори следната година, кога тенкото мнозинството на демократи и во Претставничкиот дом и во Сенатот ќе биде ставено под прашање.

„Ние ќе го вратиме Домот, ќе го вратиме Сенатот и ќе ја вратиме Америка и ќе го сториме тоа наскоро“, рече Трамп на митингот во Охајо.

Тој исто така го критикуваше Бајден за зголемениот број имигранти кои пристигнуваат во САД преку јужната граница на земјата, велејќи дека ова е доказ дека „Џо Бајден ја уништува нашата нација пред нашите очи“.

Еден од претстојните митинзи на Трамп ќе биде посета на границата САД-Мексико на 7 јули во знак на протест против имиграционата политика на Бајден. Трамп исто така го искористи митингот за повторно да ја оспори изборната победа на Бајден.

„Ние имавме масовна победа, тие направија нешто што никогаш не треба да се дозволи“, рече Трамп.