Русија денеска соопшти дека е забележано рекордно ниво на смртност како последица на Ковид-19. Во изминатите 24 часа починале 619 пациенти. Темпото на нови случаи, исто така, скокнало двојно повисоко ниво од почетокот на овој месец, со 21,665 потврдени инфекции за еден ден. Најголема смртност претходно беше регистрирана вчера.
Руската неподготвеност за вакцинација ги зголеми стравувањата кои го придружуваат неодамнешниот наплив на пандемијата. Претседателот Владимир Путин на состанокот со руските пратеници на 21 јуни рече дека "За жал, заканата од коронавирус се уште не е завршена. Во некои региони ситуацијата е влошена, како што знаете".
Една третина од новите случаи се во Москва. Градоначалникот на главниот град, Сергеј Собјанин минатата недела рече дека вакцинациите против Ковид-19 ќе бидат задолжителни за 60 проценти од вработените во услужниот сектор. Седумнаесет други региони наметнуваат слични барања. Москва и другите области исто така ги зајакнаа ограничувањата за движење на луѓето.
Почнувајќи од минатата недела, жителите на Москва можат да добијат услуга во ресторани и барови само доколку презентираат доказ за вакцинација, неодамнешен негативен тест или потврда дека се заразиле со вирусот во претходните шест месеци.
Во популарната туристичка област Краснодар на лицата ќе им биде дозволено да престојуваат во хотели од 1 јули со доказ за вакцинација или негативен тест за ПЦР. Од 1 август само оние со потврди за вакцинација ќе имаат дозвола за сместување.