Трамп на митинг во Охајо

Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ќе одржи митинг во Охајо, прв по смртоносниот напад на неговите приврзаници врз Капитол, кој има за цел да го зацврсти неговото влијание врз Републиканската партија.

Со митингот се означува и почетокот на неговите јавни настани на кои ќе ги напаѓа избраните републиканци за кои смета дека го изневериле. Трамп ќе води негативна кампања против 10-те републиканци кои гласаа за негов импичмент под обвинение за поттикнување на нападот на Капитол на 6 јануари во кој загинаа пет лица, вклучувајќи и еден полицаец.

Трамп вети дека ќе спроведе кампања против сите 10 републиканци. Настанот во Охајо, на саем во Велингтон, на околу 64 километри југозападно од Кливленд, ќе биде првиот од трите јавни настапи, проследен со патување до границата меѓу САД и Мексико со гувернерот на Тексас, Грег Абот на 30 јуни и митинг во Сарасота, Флорида, на 3 јули.

Во нападот на Капитол Хил стотици приврзаници на Трамп упаднаа во Конгресот во обид да спречат потврда на победата на Џо Бајден. Повеќе од 480 лица се уапсени под обвиненија поврзани со нападот.

Трамп, кој ја напушти функцијата подоцна во јануари, постојано лажно тврди дека неговиот пораз на изборите во ноември бил предизвикан од измама на гласачите. Ваквите тврдења беа одбиени од бројни судови, како и од државните изборни претставници и од ревизијата на неговата администрација.