Поранешниот американски полицаец Дерек Шовин e осуден на 22 и пол години затвор за убиството на Џорџ Флојд, афроамериканец чија смрт предизвика масовни демонстрации во САД. Судијата Питер Кејхил ја изрече казната по емотивните молби од семејството на Флојд за Шовин да добие максимална казна. 45-годишниот поранешен полицаец изрази сочувство до семејството Флојд пред Кејхил да ја изрече казната, која е пониска од 30 години затвор што обвинителството ги бараше.
„Сакам да му изразам сочувство на семејството Флојд. Во иднина ќе има некои други информации што би биле од интерес. И се надевам дека работите ќе ви дадат мир на умот “, рече Шовин.
Кејхил му рече на Шовин дека казната е „заснована врз твојата злоупотреба на позиција на доверба и авторитет и, исто така, од посебната суровост што му беше укажана на Џорџ Флојд“.
Шовин и уште тројца полицајци го уапсија 46 годишниот Флојд во мај 2020 година под сомнение дека купувал со фалсификувани пари во продавница. Клучен доказ беше видеото снимено од случаен минувач, на кое се гледа како Шовин го држи Флојд, притискајќи го со колено неговиот врат, додека тој постојано вели: „Не можам да дишам“
Адвокатот на семејството Флојд го нарече изрекувањето на пресудата „историски“ чекор кон расно помирување во САД.
„Еднаш, еден полицаец кој погрешно одзеде живот на афроамериканец доби одговорност“. Ден за ден, година за година, полицијата убива афроамериканци без последици. Но, денес, со казната за Шовин, ние правиме значаен чекор напред - нешто што беше незамисливо пред многу кратко време “, рече адвокатот Бен Крамп во изјавата.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека казната е „соодветна“. Кејхил рече дека изрекувањето на казната не е под влијание на јавното мислење и дека тој не се обидува да „испрати пораки“.
„Но, во исто време, сакам да ја признаам длабоката и огромна болка што ја чувствуваат сите семејства, особено семејството Флојд“, рече тој.
Меѓу емотивните изјави на рочиштето беше и една од 7-годишната ќерка на Флојд, која во видеоснимка изјави дека ако може повторно да го види својот татко, ќе му каже дека и недостасува и дека го сака. Адвокатот на Шовин изјави дека планира да се жали на пресудата.