Османи: Обврски не се преземени, во Софија се разговараше за идеи

Обврски не се преземени. Во Софија воспоставен е отворен дијалог за позициите на двете страни во однос на прашањата. Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки кои се споменуваат, а се комплементарни на основната идеја што ја дава португалското решение, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи на гостувањето на телевизија Канал 5, по денешното соопштение од бугарското министерство за предложените пет точки за надминување на спорот со Бугарија.

„Овие решенија се разменети како идеи и предлози на состанокот. Идејата и договорот беше на нив да се одговори пред Самитот. Доколку имаме договор, тоа да се преточи во поддршка и тогаш би имале комплетен договор – дефиниран патоказ, прашањата кои ги решава предлогот на португалското претседателство во однос на јазикот и позицијата на патоказот во европскиот процес и плус зелено светло за почетокот на преговорите. И имаме комплетно решение. Негативното е што овој одговор од Софија доаѓа после Советот, значи ја немаме одлуката, но предноста е што ова е индикација дека начелно се прифаќаат идеите како да се надмине проблемот," изјави Османи.

Жално е, посочи Османи, што стигнавме во ситуација да бараме гаранции – Бугарите од нас да бараат гаранции за имплементација на договореното, а ние сега да кажеме „па и јас сакам гаранција дека ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите“.

Османи вели дека се обидува, барем од првото читање на писмото, да го интерпретира како прифаќање на решенијата, како конечно решение. Тој посочи дека не смета оти ова прашање може да се реши со еднострани решенија. Според него, во Софија се разговарало за идеи како да се надминат разликите.

„На пример, во однос на краткото име. Едно од барањата на Бугарија беше секаде да стои само Република Северна Македонија, додека Северна Македонија да се исфрли од употреба. Ние сметавме дека тоа не треба да е така, и дадовме предлог дека најдобро ќе се реши, доколку со една изјава ние кажеме дека краткото име е исто, како што е и долгото име, изјави Османи.

Имени, денеска неколку часа пред интервјуто на Османи, бугарското министерство за надворешни работи објави соопштение во кое беа наведени пет точки кои биле предложени од македонската делегација на средбата во Софија на 17 јуни со цел изнаоѓање на решение во пресрет на Самитот на ЕУ. Но, бугарската влада на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ остана на својот став за вето, со што и натаму остануваат закочени македонските евроинтеграции поради неможноста да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ. По завршувањето на Самитот Софија бара од Скопје да ги реализира предложените решенија.