Бугарија беше принудена да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи, се вели во денешното соопштение на бугарското министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведени и петте точки од разговорите меѓу македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Софија со бугарскиот државен врв на 17 јуни годинава. Според бугарското МНР првата точка од договореното е македонската делегација да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија.
“Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија. Република Северна Македонија да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор“ се вели во соопштението.
Во продолжение е четвртата точка според која Северна Македонија треба да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставни програми, со цел, како што се евели во соопштението, објективно да ја рефлектира заедничка историја со цел елиминирање на образовната содржина која што влева омраза кон Бугарија.
И петта точка е отстранување на таблите и натписите на територијата на Македонија кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, се наведува во објавата на МНР на Бугарија.
Во соопштението се вели дека по билатералниот дијалог министерот за надворешни работи Светлан Стоев денеска испратил писмо до неговиот колега министерот Бујар Османи, во кое изразил очекување за исполнување на преземените обврски и подготвеност од бугарската страна да се изнајдат трајни и одржливи решенија.
Ефективната имплементација на Договорот да биде еден од критериумите за пристапување во рамката за преговори за Република Северна Македонија е барање на Бугарија. Како објаснување за тоа во соопштението е посочено дека станува збор за внатрешен процес во ЕУ и дека отворениот пристап за тоа од страна на Скопје е за поздравување.
Во соопштението е наведено дека бугарската страна продолжува да бара сигурни гаранции дека нивните, како што вели во соопштението „фундаментални интереси нема да бидат нарушени“.
„Мора да се запре практиката на газење на правата на луѓето со бугарска самосвест во Република Северна Македонија. Ние се држиме до целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, “ се вели во денешното соопштение на бугарското МНР.